Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Личен Развој

Скопје некогашна кинометропола: Секоја населба со свое кино

18 јун. 2025 г.·5 мин читање·4988 прегледи

Следете не на Viber

Скопје ги имаше најубавите и најпосетените кина, како што беа Култура, Вардар, Напредок, Карпош, Балкан, Дом на градежниците, Маџари, Бутел, Влае, Братство, Парк, Бамби и други во кои се прикажуваа најдобрите филмови од светот. Новите кина се добри, но го немаат шармот на старите киносали. Ова се само дел од сеќавањата искажани во виртуелните разговори на социјалните мрежи, каде што се дружат старите скопјани коишто паметат. А, имаат и што да паметат.

Одењето на кино било доживување. Семејно се гледале црно-бели филмови, каубојски, партизански, домашни, странски, некои и по неколкупати. Во кино се одело со друштво, а и преку школо, цело одделение со учителката. На кино утро, кога се бегало од часови.

Киното било место на првиот состанок, на првата средба насамо. Се чекало да заврши журналот или кусометражниот филм, кои се прикажувале како претходница. Потоа, во темнината низ која се ширело зуењето на проекторот, првпат се испреплетувале прстите. На најинтересното, кога во кадарот биле главните глумци споени со филмски бакнеж, некаде во салата се случувал првиот допир на усните. Многумина имаат сеќавања што длабоко сентименатално ги врзуваат за старите скопски кина.

Подоцна, возбудата ја зголемиле филмовите во боја. Кино-салите и натаму ги живееле своите ѕвездени мигови како неизоставен, многу важен дел од градскиот културно-забавен живот. Што има на репертоарот – се дознавало од дневниот печат. Во рубриката Кина, градскиот весник Вечер информирал кој филм каде се прикажува, во кои термини…

Филмовите со содржина се емитувале во Култура, а повозрасните го паметат и како кино Уранија. Омиленото кино на скопјани, изградено пред крајот на 30-тите години од браќата Костиќ, имало големо значење за градот. Во декември 1944 година таму била изведена првата театарска претстава на македонски јазик. Во 1952 година била одржана премиерата на првиот македонски игран филм „Фросина“. Повеќе од половина век културата се создавала и се ширела од Култура.

Во неговите подрумски простории пред земјотресот функционирало едно од првите кабареа. Потоа, тука било направено детското филмско катче – кино Бамби. „Кино Култура и кино Бамби беа поврзани и често од една проекција одевме на друга, со една карта гледавме два филма“, раскажуваат старите скопјани.

Здивот на историјата го има и во киното Вардар. Во далечната 1947 година таму се одржало основачкото собрание на фудбалскиот клуб Вардар. Двете кина Вардар 1 и Вардар 2 се паметат како особено и еднакво важни за прикажувањето на домашни и странски филмови. Срцето на градот чукаше во темнината. Звукот на филмската лента беше музика за душа. Дваесетина редови полни емоции, илузии и надежи. Денес таму има тишина, но Вардар сè уште живее во нашите спомени, запишал еден од редовните посетители.

Изградено меѓу двете светски војни, Напредок е во редот на најстарите кина во градот. Во салата лоцирана во Старата скопска чаршија, велат скопјани, се гледале еротски филмови… И освен кината во центарот на Скопје, секоја населба имала своја киносала. Карпош, Влае, Маџари, Драчево… Филмови се прикажувале и на терасата во Домот на градежниците, во летното кино Парк, а до земјотресот на плоштадот функционирало и кино џабе.

Приказни има и за купувањето билети. Се создавале редици, но трпеливо се чекало додека со мали чекори насобраните се придвижувале кон касата. „Се сеќавате кога стигна ‘Последното танго во Париз’? Два дена чекавме во редица за карти“, може да се прочита во скопските групи на Фејсбук. А, кога билетарката означувала фајронт, билети се купувале од шиткачите, но по повисока цена.

Светлата се гасат, платното оживува. Можност да се одживеат час-два далеку од реалноста – влезена во филмот и во улогите на главните актери, публиката воздивнувала, се смеела, плачела. Во скромно опремените сали, некаде и седнати на дрвени столчиња, скопјани со внимание ги проследувале проекциите на филмови од домашната југословенска продукција, но и од американска, француска, италијанска, шведска… „За разлика од сега, киното беше најевтина разонода“, го запишал своето сеќавање член на фејсбук-групата Стари скопјани.

Денес, никаде не се чека ред за купување кинобилет. Може да се резервираат онлајн. Кинопроекциите не се голем предизвик. Филм може да се гледа и на екранот од мобилниот телефон. А, ако ги прашате старите скопјани, тие ќе ви кажат: „Магијата не доаѓаше само од филмовите, туку и од местата каде што ги гледавме“.

Пишува: Маја Анастасова

Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

(Фото: фејсбук-групата Стари скопјани/Wikimedia Commons)

(Продолжува: Магијата на големото платно не ги полни касите)

Клучни зборови

  • Вардар
  • кино
  • кино-проекции
  • култура
  • скопје
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk