Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

МЕРЦЕДЕС СЕ СИМНУВА „НА ЗЕМЈА“: Крај за луксуз по секоја цена

21 ное. 2025 г.·3 мин читање·1406 прегледи

Следете не на Viber

Во Штутгарт веќе не размислуваат исто како пред неколку години: Мерцедес реши да се откаже од претераното инсистирање на ексклузивност и суперскапи модели и повторно да им се доближи на „обичните“ купувачи. Наместо да брка само рекордни маржи на врвно позиционирани возила, брендот подготвува нова генерација почетни модели чии цени, според шпекулациите, би можеле да бидат пониски и за неколку илјади евра, односно пад од околу 20 до 30 проценти во однос на досегашните најевтини верзии.

Ова доаѓа во момент кога електричниот CLA на Мерцедес дополнително ги „надува“ веќе високите ценовни нивоа на премиум пазарот. Во ваков контекст, одлуката на менаџментот изгледа како мал потрес во индустријата: најавува и притисок врз конкуренцијата, и поскоро олеснување за потрошувачите. Компанијата сака да се врати во сегментот што некогаш беше мотор на нејзиниот раст, а кој свесно го запоставуваше подолго време, бидејќи многу полесно беше да се заработи на лимузини и SUV што чинат „мало богатство“.

Клучниот симбол на оваа промена е фактот што зборот „луксуз“ речиси исчезнува од стратешките документи. Она што некогаш го повторуваше извршниот директор Ола Калениус како главна филозофија, сега се заменува со пофлексибилна, пазарно пореална ориентација. Наместо да се дефинира само како луксузен производител, внатре во компанијата сè почесто се користи формулацијата: Мерцедес треба да биде „најпосакуван во секој сегмент во кој се натпреварува“. Тоа директно таргетира милиони потенцијални клиенти кои брендот ги губеше во последните години.

Сепак, ова не значи дека ќе видиме Мерцедес по принципот „Дачија со ѕвезда“. Никој сериозно не очекува крајно евтини автомобили, туку рационално позиционирани, попристапни модели, во кои купувачите навистина ќе можат да си го замислат својот идeн автомобил – без да фантазираат за добивка на лотарија.

Германските медиуми масовно ја пренесоа новата насока: Билд, Ханделсблат, ВиртшафтсВохе и други пишуваат дека Мерцедес повторно гледа кон луѓето кои сакаат „вистински Мерцедес“, но не по цени резервирани за луксузни класи и големи теренци, кои денес често стартуваат од 60, 70 па и до 100 илјади евра. Специјализираните автомобилски портали ја потврдуваат истата слика: ова не е недоразбирање, туку јасен сигнал дека управата сака да го преобликува имиџот на, можеби, најценетиот европски бренд.

Наместо тезата „Мерцедес мора да биде исклучиво луксузен“, сега важи амбицијата: да биде прв избор каде и да настапува – од влезното ниво, па сè до врвните модели.

Од тука природно се поставува прашањето кое ги провоцира и економистите и вљубениците во автомобили: дали Мерцедес чекори директно на теренот на Фолксваген? Дали ова е вовед во жестока конкуренција во ценовниот сегмент што Фолксваген со децении го смета за своја „домашна територија“? И дали германската автомобилска индустрија влегува во свој вид „братоубиствена“ битка, токму во момент кога е под силен притисок од кинеските производители и строгите домашни и европски регулативи?

Кога премиум бренд со толкаво наследство најавува модели во опсег од 30 до 40 илјади евра, неизбежно се појавува уште едно, можеби уште поважно прашање: дали Мерцедес конечно ја отвора долго затворената врата кон поодржлива и поправедна пазарна динамика во европската автоиндустрија? Сектор кој последниве години често изгледа повеќе фокусиран на лобирање во Брисел и ублажување на регулативите, отколку на тоа да произведува поквалитетни и попристапни автомобили за луѓето што навистина треба да ги купат.

Клучни зборови

  • автомобили
  • Мерцедес
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk