Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Субвенциите доцнат, протестите се блиску

18 мар. 2026 г.·4 мин читање·1013 прегледи

Следете не на Viber

Исплатата на субвенциите повторно ја отвори старата рана во македонскиот аграр, хроничното доцнење и неизвесноста околу државната поддршка. Иако во изминатиот месец на сметките на земјоделците легнаа околу 30 милиони евра, тоа не беше доволно да се намали тензијата на теренот, бидејќи им се должи уште десетици милиони евра.

Само пред две недели, земјоделските здруженија пресметаа дека за целосно расчистување на обврските се потребни околу 100 милиони евра. Со последната исплата, долгот се намалува, но и натаму останува значителен, околу 70 милиони евра. Во такви услови, довербата во системот на субвенционирање останува разнишана.

Особено гласни се сточарите, кои поставија и конкретен рок – до 20 март да им бидат исплатени средствата, во спротивно најавија протести. Дел од нивните барања беа делумно исполнети, па исплатена беше премијата за млеко за првата половина од 2025 година. Но, тоа не значи дека проблемот е решен, туку дека само се одложува.

Нерешени остануваат обврските за втората половина од минатата година, како и дел од тековните субвенции. Сточарите посочуваат дека државата им должи за предадено млеко од втората половина на 2025 година, за основните субвенции по грло за истата година, но и за спорните исплати за јагниња од 2024 година, кои сè уште не се исплатени на над илјада одгледувачи.

Од Министерството за земјоделство уверуваат дека состојбата постепено се стабилизира. Министерот Цветан Трипуновски вели дека во изминатите две години се работи на расчистување на наследените долгови и дека системот влегува во фаза на редовно сервисирање на обврските. Според него, по усвојувањето на програмата за субвенции за 2026 година, исплатени се околу 30 милиони евра, што, како што посочува, е доказ за посветеноста на владата.

Програмата за 2026 година предвидува 100 милиони евра за директна поддршка, но токму таа е новата точка на судир меѓу институциите и земјоделците. Дел од здруженијата ја оценуваат како неприфатлива, тврдејќи дека буџетот е намален и дека многу производители ќе останат без поддршка.

Незадоволството кулминираше по средбата со министерот, која земјоделците ја оценија како неуспешна. Тие бараат враќање и ревидирање на програмата од 2025 година, предупредувајќи дека актуелните мерки можат да доведат до дополнително намалување на бројот на мали земјоделци и сточари – сегмент кој, според нив, го одржува аграрот.

Паралелно со институционалните несогласувања, секторот се соочува и со нов притисок, растот на цените на клучните репроматеријали. Земјоделците предупредуваат дека поскапувањето на нафтата, ѓубривата и пестицидите директно ќе се прелее врз трошоците за производство, а на крајот и врз цените на храната.

Од Министерството велат дека ситуацијата се следи и дека, доколку е потребно, ќе се преземат мерки. Како дел од поддршката, преку мерката „зелена нафта“ се обезбедени над 500 милиони денари, а повеќе од 80 проценти од доделените средства веќе се искористени. Сепак, неизвесноста околу глобалните цени останува фактор што тешко може да се контролира.

Дополнителен ризик е зависноста од увоз на репроматеријали од Блискиот Исток, регион кој во моментов се соочува со геополитички тензии. Земјоделските организации бараат навремено активирање на кризен фонд за да се ублажат последиците, особено во делот на набавката на ѓубрива.

Во меѓувреме, сточарството влегува во период на откуп на јагниња, при што кланиците понудија цена од 260 денари по килограм. Иако надлежните не очекуваат проблеми, конечниот исход ќе зависи од движењето на пазарот во наредните недели.

Но, под површината на тековните проблеми лежи подлабока структурна криза. Недостигот од работна сила, ниските откупни цени и миграцијата од руралните средини ја доведуваат во прашање одржливоста на секторот. Според земјоделските организации, половина од младите и жените ги напуштаат селата, што ја ослабува демографската и економската основа на аграрот.

„Без нова генерација земјоделци, иднината на секторот е неизвесна“, предупредуваат од Федерацијата на фармерите, повикувајќи на системски мерки – од финансиска поддршка до модернизација и подобри услови за работа.

Во ваков амбиент, исплатата на субвенциите, иако важна, останува само дел од пошироката слика. Аграрот не бара само пари – бара предвидливост, доверба и долгорочна стратегија.

(Фото: Unsplash)

Клучни зборови

  • земојделци
  • субвенции
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk