ВО ДЕЛОВИ ОД КИЧЕВО И ДО 1,5 МЕТРИ ВОДА ВО КУЌИТЕ, УХМР ПРЕДУПРЕДУВА: Водостоите на Вардар и Треска и натаму ќе растат!

5 мин читање1943 прегледи

Делови на Кичево од вчера се под вода, а има излевање на водотеци и во други делови на западна и североисточна Македонија по повеќедневните силни врнежи од дожд што ја зафатија нашата земја.
Најкритично и денес е во Кичево, каде локалните телевизии јавуваат дека во населбата Прилепска поради надојдени води околу 220 жители се евакуирани во спортската сала „Христо Узунов” во Иванидол.
Според информациите од ЦУК за охридско-кичевскиот регион, во Кичево, по излевањето на Зајашка Река, се поплавени повеќе куќи и дворови (, а попладнето се пријавени дополнително околу 30 зафатени семејни домови. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, а и на деца од поплавените објекти. На пример, локалната професионална ТППЕ – Територијална противпожарна единица Кичево во претходната поплава и во оваа од утрово, изврши преку 250 евакуации на загрозени лица, истовремено вршејќи испумпување на надојдена вода од витални објекти и институции, а се расчистуваше и автопатот кај Колари за поголема безбедност во сообраќајот.
„Над ден ипол метар ни е сега водата во куќите, не остана ништо, ги молиме надлежните да ни помогнат оти веќе сме на улица“, изјави за ТВ Ускана една од евакуираните жителки на Прилепска.
Заезерувања има и на улица 29 Ноември во населбата Подварош каде се поплавени подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвен крст, а на терен активно работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната службаДирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) на својата Фејсбук страница објави дека ноќеска и во текот на денешниот ден дејствува во координација со населението и со локалните сили за испумпување на поплавените површини, куќи и објекти по пријавите пристигнати на 112 (ЦУК), а и од директни пријави од општините
Од УХМР информираат дека состојбата со другите реки во западниот дел од државата, кои имаат високи водостои заради обилните врнежи и се излеваа во изминатите денови, се стабилизира, а водостојот постепено се намалува.
Од УХМР предупредуваат за внимателно движење покрај реките и суводолиците и предупредуват дека времените мостови на Треска се во опасност заради големите води и нивната брзина.
(Фото: скриншот од видео, ТВ Ускана)