Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

VAN HOOL ПРЕД БАНКРОТ, ОТПУШТА РАБОТНИЦИ ВО БЕЛГИЈА, заинтересираниот инвеститор има друг план, вели: Фабриката во Скопје не е спасот!

15 мар. 2024 г.·5 мин читање·2181 прегледи

Следете не на Viber

Белгискиот производител на автобуси и камионски приколки „Van Hool“, кој има своја фабрика и во Скопје, е пред банкрот. Откако белгиските медиуми објавија дека на банките им должи 45 милиони евра кои треба да ги плати до крајот на месецов, компанијата објави план кој предвидува отпуштање на 1.100 вработени и селење на најголемиот дел од производството во Северна Македонија.

Познатиот холандски бизнисмен, Гвидо Думареј, меѓутоа сега најавува дека е заинтересиран да ја преземе компанијата и да ги спаси 1.800-те работни места во фабриката сместена во гратчето Конигшоикт, но вели – „Van Hool“ прво мора да прогласи банкрот. За весникот De Tijd изјави дека неговиот план за спас е сосема спротивен од оној на сегашниот менаџерски тим. Тој предвидува најголемиот дел од производството на „Van Hool“ да остане во Белгија, а дека „производството во источна Европа – не е решение“, мислејќи притоа на фабриката во Скопје.

„ВАН ХОЛ“ СО МИЛИОНСКИ ЗАГУБИ, ИМ ДОЛЖИ НА БАНКИТЕ

„Источна Европа не е лек“, вели Думареј, кого белгиските медиуми веќе го нарекуваат „спасителот на Ван Хол“ и додава: „Дали знаевте дека сите автобуси што ги прави Van Hool во Македонија мора да поминат низ Конигшоикт за контрола на квалитетот пред да одат кај клиентите? Зарем тоа не е апсурдно?“.

Тој смета дека белгискиот производител има квалитетно производство во матичната држава, кое ќе биде загубено ако згасне производството во Белгија. „Ви велам, агенциите не произведуваат автобуси. Има толку многу занаетчиство во Van Hool, навистина не треба да дозволиме тоа да пропадне. Ако овие работници тука ги снема, таа експертиза никогаш нема да се врати“, вели заинтересираниот инвеститор.

„Ван Хол“, која е во сопственост на истоименото семејство, има нешто помалку од три недели пред компанијата да ги исцрпи залихите на пари, по што станува сè појасно колку е катастрофална состојбата на финансиите. Иако извршниот директор Филип Ван Хол минатото лето предвидуваше дека ќе се пробие во 2023 година, компанијата од Koningshooikt ја заврши годината со рекордна загуба од 59 милиони евра. Различни извори ова го потврдија за весникот Де Тидд.

За отпуштањето работници во белгиската фабрика „Ван Хол“ зборуваше и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски пред неколку дена за „Сител“. Првиот човек на ТИРЗ, меѓу другото, појасни дека платите во скопската фабрика на Ван Хол се пониски од тие во Белгија, но се за 20% повисоки од просечната во државата. Дополнително, нашите работниците биле повредни и поквалитетни, според Деспотовски, но притоа не спомна дека компанијата е пред финансиски колапс.

Според планот за спасување, белгискиот производител на автобуси и камионски приколки годинава би требало итно да отпушти 830 работници, отпуштањето на дополнителни 300 ќе се случува во текот на следните три години, а производството на автобуси сега се сели во Македонија. Раководството најави технолошки вишок и други губења на работни места, на специјалниот работнички совет. „Го разбираме влијанието што овој план ќе го има врз вработените и нивните семејства и тешко ни е да го преземеме овој чекор“, вели ко-извршниот директор Марк Званевелд.

Но, и покрај овие драстични мерки, компанијата нема да се спаси доколку не најде 45 милиони евра до крајот на март. Во спротивно, се соочува со банкрот.

ВО КРИЗАТА ВО „ВАН ХОЛ“ ВКЛУЧЕНА И ФЛАМАНСКАТА ВЛАДА

Дека кризата на „Ван Хол“ е од висок профил за Белгија, покажува и тоа дека за неа деновиве треба да разговара и регионалната фламанска влада, која веќе преговара со четирите банки-доверители на „Ван Хол“, во обид да се спасат работните места. Исто така и со претставници на бизнисот за да се најде приватен партнер и да се спаси автобуската компанија. Фламанската влада дури најави дека е подготвена да инвестира во „Ван Хол“ само ако се најде приватен партнер подготвен да вложи во производителот на автобуси.

Автобусите направени од „Ван Хол“ се добро познати низ целиот свет. Компанијата произведува автобуси во Конингшоикт, во близина на Лиер, од 1947 година. Компанијата се соочува со проблеми уште од почетокот на Ковид-пандемијата. Пандемијата го доведе туристичкиот сектор во целосен застој, предизвикувајќи наеднаш пресушување на книгите за нарачки на „Ван Хол“. Оттогаш, компанијата се бори повторно да ги пополни своите книги за нарачки. Недостигот на нарачки го принуди „Ван Хол“ на почетокот од годината да отпушти околу една третина од своите 2.500 вработени. За ко-извршен директор на компанијата беше назначен кризен менаџер.

Во меѓувреме, конкурентите на „Ван Хол“, производители на електрични автобуси, ја користат шансата. Неодамна „Ван Хол“ пропушти нарачка од 92 електрични автобуси за фламанската компанија за јавен превоз „Де Лијн“. Зделката отиде кај кинеска компанија.

Познавачите на овој сегмент од индустријата сметаат дека дел од проблемите лежи и во тоа што конкуренцијата многу порано преместила дел од нивното производство во земји каде што платите се пониски. „Мерцедес“ прави автобуси во Турција од 1980-те, а „Волво“ произведува автобуси во Полска од 1990-те, додека „Ван Хол“ дури во 2013 година ја отвори својата фабрика во Македонија.

Сега останува да се види дали фламанската влада сè уште може да стори нешто за да му помогне на „Ван Хол“. Фламанските власти веќе го поддржуваат семејниот бизнис преку гаранции за заеми. Постојат дилеми дали може и навистина да се направи повеќе без да се прекрши регулативата за државна помош на ЕУ.

Подготвила: Југослава Дуковска

Клучни зборови

  • Van Hool
  • банкрот
  • доверители
  • Јован Депотовски
  • отпуштања
  • ТИРЗ
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk