Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

БанкарствоЕдукацијаФинансии

Учениците ги добија наградите за најдобри творби посветени на Светскиот ден на штедењето

27 ное. 2023 г.·4 мин читање·664 прегледи

Следете не на Viber

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за финансии Филип Николоски ги доделија наградите освоени од учениците во рамките на Конкурсот за избор на најдобри ликовни и литературни творби по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври.

„Конкурсот е дел од активностите на Народната банка, посветен на помладата популација, поттикнувајќи ја на креативно размислување и освојување нови финансиски знаења. Според Анкетата на ОЕЦД за ЦЈЕ, 40% од младите трошат повеќе од сопствените можности, имаат проблеми во управувањето со личните финансии, а само 15% штедат, наспроти 60% од младите во ЕУ. Оттаму, оваа година зададените теми беа поврзани со штедењето како клучна алатка за подобра финансиската иднина на младите“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска обраќајќи им се на присутните. Таа нагласи дека штедењето е важен аспект во процесот на созревање на младите, бидејќи ги учи на рационално управување со средствата, коешто во голема мера ќе ја обликува и нивната иднина. Притоа, нагласи: „Народната банка постојано ги проширува активностите за финансиската едукација, како една од нашите стратегиски цели, за што усвоена е и првата национална Стратегија  за финансиска писменост и инклузија. Потребно е да се вложат напори во оваа сфера, особено имајќи ги предвид резултатите од анкетите според кои младите кај нас, слично како и во регионот на ЦЈЕ, имаат пониска финансиска писменост во однос на повозрасните групи население. А недоволните финансиски знаења се одразуваат со несоодветно финансиско однесување, односно со помало штедење и инвестирање во подобра иднина. Оттаму, едуцирањето на најмладите уште од ученичките клупи мора да биде приоритет на носителите на политиките.“

„Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и да ги постигнеме нашите финансиски цели. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи. Тоа е долгорочен процес и со негово вградување во наставните програми уште од најрана возраст се овозможува стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот“, истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски. Тој додаде дека подобро едуцирани и информирани граѓани подобро управуваат со своите лични финансии и претставуваат значаен фактор во градењето стабилен и сигурен финансиски сектор. „Овој настан преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план за заедно да можеме да креираме подобра финансиска иднина за нас и нашите наредни генерации“, порача Николоски.

Конкурсот со кој го одбележуваме Светскиот ден на штедењето − 31 октомври се одржа по единаесетти пат. Годинава, пристигнаа вкупно 375 ученички творби на двете одбрани теми: „Штедам паметно – живеам подобро: Инвестирам во својата иднина“ за основното образование и „Штедењето – чекор кон финансиска независност“ за средното образование. Комисиите за избор на најдобри творби, формирани од претставници на Народната банка и Министерството за финансии, при изборот на трудовите за награда кај учениците од основното образование ги зедоа предвид оригиналноста во индивидуалниот пристап, идејата, техничката умешност, инвентивноста, креативноста и сензитивноста. Кај оценувањето на есеите на учениците од средното образование беа земени предвид опфатот и толкувањето на темата, како и начинот на изразување и креативно пишување.

Во оваа прилика, гувернерката Ангеловска-Бежоска им се заблагодари на сите ученици кои учествуваа на конкурсот и нивните ментори и нагласи дека Народната банка ќе продолжи со едукативните активности и во иднина и со поголем интензитет, имајќи го предвид значењето на финансиската  едукација за младите и за населението, воопшто.

Клучни зборови

  • Министерство за финансии
  • награди
  • Народна банка
  • светски ден на штедењето
  • ученици
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk