Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

БерзаБизнис

ШТРАЈК НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ ВО КАНАДА, ПОМАЛКУ СВИЊИ ВО КИНА: Еве зошто паѓаат цените на житарките на светските пазари

24 авг. 2024 г.·3 мин читање·1140 прегледи

Следете не на Viber

Во време кога клучни прехранбени производи драстично поскапуваат на светските берзи, како какаото, маслиновото масло и шеќерот, житарките – поевтинуваат. Цените на пченицата на берзите денес паднаа на најниско ниво од септември 2020 година, поточно на 5,20 долари за бушел (27,2 кг), главно поради најавените богати жетви во црноморскиот регион и во Канада, но и поради влијанието на можниот штрајк на железничарите во Канада.

Можноста за штрајк на железничарите во Канада ги натера земјоделците однапред да ја продаваат својата пченица за да ги избегнат очекуваните проблеми со транспортот, а се очекува земјата да произведе околу 25,3 милиони тони во сезоната 2024/2025 година, пишува порталот „Трејдинг економикс“.

Трендот на опаѓање на цените на пченицата трае веќе некое време и главно се однесуваат на сезоната пред доаѓањето на новата пченична реколта на светските пазари, а влијание има и послабата побарувачка, посебно од големите потрошувачи, како што е Кина, велат аналитичарите. Причината за помалата побарувачка на жито во Кина, според нив, се должи делумно и на забавениот економски раст на оваа држава, но, исто така, и на подобрите приноси на сопственото производство на житарки сезонава, пишува Food Navigator.

Дополнително, големиот пад на свињарскиот фонд во Кина значи и намалена побарувачка на житарки користени за сточна храна. Сепак, прогнозите се дека, подоцна во текот на годинава, кинеската побарувачка на жито може драстично да се смени и тоа подоцна да влијае поинаку на пазарот.

Американското Министерство за земјоделство (USDA) ја зголеми прогнозата за украинското производство на пченица за 10,8 отсто на 21,6 милиони тони, а очекуваниот пораст на понудата дополнително ја намали цената на пченицата. Министерството, исто така прогнозира дека сезоната 2024/25 на глобално ниво ќе донесе 798,3 милиони тони пченица. Сето тоа влијаеше на формирањето на цената на светските пазари.

Ситуацијата во Европа не е толку добра, а според прогнозите се очекува Франција да ја има најлошата жетва во последните повеќе од 40 години.

Француското производство на пченица може да падне на 25,2 милиони тони во сезоната 2024/25, што е за 27 отсто помалку од петгодишниот просек, објави неодамна аналитичката агенција Аргус, пренесува Танјуг.
Континуираните дождови, недостатокот на сонце и ниските температури кои ги фаворизираат болестите влијаеја на приносите и квалитетот на културите во повеќето француски региони каде што се одгледува пченица, пренесува Блумберг.

И покрај песимистичките изгледи во Франција и малку помалиот род во Русија, светските цени на пченицата на берзата во Чикаго долго време се одржуваат на ниско ниво, бидејќи пазарот е добро снабден со пченица од Соединетите Американски Држави.

Клучни зборови

  • житарки
  • Канада
  • Кина
  • САД
  • Украина
  • штрајк
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk