Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Финансии

СО КОНТРОЛА И ОТЧЕТНОСТ – Новите задолжувања нема да ја поткопаат фискалната стабилност

3 јул. 2025 г.·4 мин читање·1226 прегледи

Следете не на Viber

Воведување интерактивна платформа за следење на јавниот долг, oбјавување на среднорочна стратегија за неговото управување, јавни расправи пред секое поголемо задолжување и целосна отчетност за контингентни обврски, како и cost-benefit анализа за секој поголем јавен инвестиционен проект – се предлозите произлезени од истражувањето направено во соработка помеѓу Фискалниот совет и Економскиот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа.

„Статистичките резултати укажуваат дека бруто долгот има позитивен ефект врз економскиот раст на Македонија, Косово и Албанија за периодот 2000-2023, но не на сите прагови. Ако бруто долгот се користи за инвестиции во развојни проекти, во инфраструктурата и политики насочени кон економско закрепнување, може да го стимулира економскиот раст. Истражувањето покажува дека зголемувањето на приходите, бруто долгот и јавните расходи позитивно влијаат врз БДП на овие земји“, подвлече академикот Абдулменаф Беџети, еден од потписниците на истражувањето насловено „Влијанието на фискалните политики врз економскиот раст на Северна Македонија, Косово и Албанија“.

Одржливоста на јавниот долг е клучен предуслов за макроекономска стабилност, фискална одговорност и долгорочен економски раст. Оваа анализа врши квантитативна проценка на тековната состојба на јавниот долг и ефектите од дополнителното задолжување во наредната деценија, со користење на стохастички модел (SDSA) применуван и во земјите-членки на ЕУ и ОЕЦД, посочи претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев.

„Забрзувањето на економскиот раст во Македонија не доведе до значително зголемување на јавните приходи во однос на БДП, особено не врз основа на ДДВ, кој е клучен фискален приход во нашиот даночен систем. Гледано од тој аспект, до крајот на годината клучна ќе биде реализацијата на буџетските приходи, за да може буџетскиот дефицит да се одржи во проектираните рамки“, нагласи Бишев.

Членовите на Фискалниот совет укажаа дека носителите на фискалните политики ќе мора на тековна основа да ја следат усогласеноста на буџетските приходи и расходи. Ова е нужно, за да не дојде до надминување на буџетскиот дефицит, онака како што е дефиниран со ревидираниот Буџет, во висина од четири проценти од БДП.

Фискалната стратегија за периодот од 2026 до 2030 година предвидува постепена и трајна консолидација на јавните финансии. Притоа, од 2027 година буџетскиот дефицит треба да се намали на три проценти од БДП. А веќе од наредната 2028 година, јавниот долг треба да дојде под нивното на 60 проценти од БДП. „Ваквата динамика на консолидација би ја задржала здравоста на јавните финансии без поткопување на економскиот раст и зголемувањето на животниот стандард“, велат од Фискалниот совет.

Исто така, се посочува дека документот динамички ги анализира и формалните и суштинските фискални правила, при што покажува дека јавниот долг го надминува прагот од 60 проценти од БДП, особено ако се земат предвид и достасаните, но ненамирени обврски. Затоа, во контекст на билатералниот договор со Обединетото Кралство, биле разгледувани две сценарија на задолжување од две милијарди евра за финансирање на капитални проекти во транспортот, здравството, енергетиката и дигиталната трансформација. И со веројатност од 90 проценти е утврдено дека дополнителното задолжување „не би ја поткопало фискалната стабилност и одржливост на јавниот долг“.

Како што наведе Бишев, на крајот од 2029 година, според првото сценарио – поинтензивно задолжување од 2027 до 2029 година, вкупниот јавен долг би достигнал 64,7 проценти. А, според второто – поумерено задолжување од 2027 до 2031 година, на крајот од тој период би се постигнале 63 проценти од БДП. Но, клучно е дефицитот врз основа на тековните приходи и расходи во тој период да конвергира кон нула.

Во обезбедувањето на фискалната стабилност, од Фискалниот совет повторно ја нагласија потребата од контрола, отчетност и транспарентност.

Во насока на транспарентноста, Фискалниот совет од минатиот месец има блог, отворен простор на кој експертската и академската заедница ќе ги пласираат своите размислувања и ставови од областа на фискалната политика, јавните финансии, даночната политика…

„Навремената комуникација со јавноста, како и вклучувањето што поголем број дискутанти, е една од целите на Фискалниот совет“, рече Марина Трпеска, додавајќи дека намерата е преку отворен дијалог да се поттикне јавната расправа и да се зајакне информираноста за клучните фискални прашања.

Клучни зборови

  • Абдулменаф Беџети
  • Глигор Бишев
  • јавен долг
  • Фискален совет
  • фискална стабилност
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk