Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Пензиски Фондови

Реалност и статистика: Како со плус 6,8% да не се одбројуваат деновите – до наредната пензија!?

1 окт. 2023 г.·6 мин читање·4630 прегледи

Следете не на Viber

Како се викаат луѓето што јадат месо? Месојадци.

Како се викаат луѓето кои не јадат месо? Пензионери

Не е познато дали овој стар виц е од домашно потекло или не, но сепак, за македонските пензионери – ништо ново. И натаму ќе тераат без месо.

Протестите, барем засега, не даваат конкретни резултати. На први октомври ќе го добијат следувањето, септемвриската пензија зголемена за 6,8 проценти, колку што властите пресметале дека изнесува усогласувањето со трошоците за живот и со просечната плата. Нема, а не е извесно ни дали некогаш ќе има, линеарно зголемување од 3.500 денари, како можност оние со ниски пензии да фатат залет.

Всушност, кај и да е, според очекувањата на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, треба да се слушнат конкретни предлози од работната група формирана да ги решава пензионерските проблеми.

„Сите барања се разгледуваат едно по едно, а кога има потреба повикуваме претставници од Министерство за здравство и од Фондот за здравство, затоа што дел од барањата се поврзани со олеснување во делот на здравствената заштита на пензионерите. Очекуваме наскоро да има конкретни предлози од работната група и тие ќе бидат проследени до Владата. Во овој момент има голем број барања кои не се само од аспект на зголемување на пензиите, туку и во делот на здравството и други услуги кои ги сакаат пензионерите. Пензионерите за се навреме ќе бидат информирани“, изјави Тренчевска.

Што значи, се одвиваат активности на релацијата побарувачка (барањата на засегнатите ) – понуда (она што надлежните можат и сакаат да го обезбедат).

 

Примања до 13.300 денари за 97.033 пензионери

Во меѓувреме, освен со животните (не)прилики на пензионерите, ќе се занимаваме и со статистиката. Пензионерите и пензиите низ бројки. Податоците од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување се за август.

Тоа е месецот кога за последен пат просечната пензија е 19.062 денари. Во статистиката за септември износот ќе биде зголемен за 1.300 денари кои ги носи усогласувањето. Во тие рамки, ќе се придвижат и другите просеци. Семејната пензија ќе добие на вредност илјада денари, инвалидската околу 1.100, старосната 1.400, земјоделската 670, а воената 1.840 денари.

Во август бројот на пензионерите е 336.806. Најголемиот дел се со старосна пензија – 233.883, со право за семејна пензија се 75.493, додека инвалидска пензија користат 27.430 лица.

Вид на пензијаПросечна пензија
Семејна пензија15.053.00 денари
Инвалидска пензија16.958.00 денари
Старосна пензија20.568.00 денари
Земјоделска пензија9.869.00 денари
Воена пензија27.064.00 денари

Најниските пензии се во распон од 11.897 до 15.250 денари. Статистиката произлегува од реалноста, но само оние 97.033 пензионери знаат кои умешности се потребни за врзување на почетокот и крајот од месецот со примања до 13.300 денари. Тоа се 28,81 отсто од сите пензионери.

Пензии до 16 илјади денари имаат 60.454 лица (17,95%), а до 22 илјади – 86.719 (25,75%). Или, околу 200 илјади пензионери се принудени на живеачка со пензии кои се под минимумот од 18 илјадарки што се поставува како барање на протестите.

Износи повисоки од 22 илјади денари добиваат 92.600 пензионери (27,49%). Меѓу нив се и 1.532 корисници на максималните пензии, кои се движат од 48,304 до 69.803 денари.

Највисоки пензииБрој на корисници
48.304 денари97
50.320 денари917
51.840 денари74
62.687 денари50
62.851 денари43
63.237 денари41
64.468 денари54
65.506 денари76
66.613 денари39
69.085 денари66
69.803 денари75
Вкупно1.532

До август наплатени над 1,2, а исплатени 5,5 милиони евра солидарни пари               

Откако почнаа протестите, гласно се зборува и за членарината од 30 денари и за задршката на 150 денари наменети за солидарниот фонд, од кои потоа на семејствата на починатите пензионери им се исплаќа посмртнина во износ од 30 илјади денари.

Пензионерите се сомневаат дека со парите што се слеваат во Сојузот на пензионерите не се работи домаќински, дека се привилегија за малкумина. Во прилог на тоа се и искажаните барања, тие суми што се издвојуваат да не се насочуваат кон Сојузот. Како можност се споменува и формирање ново тело од ваков вид. Или, паралелен сојуз.

„Најголем дел од пензионерите не само што не учествуваат во активностите на здруженијата, туку не ни знаат каде се наоѓаат. А, се работи за средства кои достигнуваат износ од околу 1.850.000 евра на годишно ниво, пари кои се трошат од пет-шест проценти од вкупната бројка на таканаречени членови“, напиша кумановскиот пензонер Мирослав Трлин во образложението на иницијативата доставена до Уставниот суд, со која се оспорува членот 115 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој членувањето во Сојузот го наметнува како задолжително и го врзува за добивањето посмртна помош.

Во августовската статистика на ПИОМ што се однесува на овој сегмет е забележано дека од 317.618 пензионери се наплатени 9.627.090 денари, односно над 156 илјади евра. А, од почетокот на годинава – вкупно 76.566.000 денари или повеќе од 1,2 милиони евра.

МесецБрој на корисници на пензија од кои се прави задршкаУплатени средства во Созујот на здруженијата на пензионери
јануари314.5799.506.760 денари
февруари314.9899.529.350 денари
март315.2689.536.550 денари
април315.4749.541.890 денари
мај316.2139.609.480 денари
јуни316.8269.617.880 денари
јули316.9899.587.000 денари
август317.6189.627.090 денари
Вкупно76.566.000 денари

Исто така, податоците на ПИОМ покажува дека во осмиот месец од годинава пензионерската страница почнале да ја пишуваат 1.870 лица, од кои 1.150 мажи и 720 жени.

Темната статистика, пак, вели дека во тој период заминале 1.127 пензионери – 600 мажи и 527 жени.

Нивните семејствата добиваат средства од солидарниот фонд. За таа намена во август се исплатени 25.050.000 денари, што е речиси 407 илјади евра. Со тие пари е одговорено на 835 барања.

Од почетокот на годината во ПИОМ се нотирани 11.373 барања од семејствата на починатите пензионери. Вкупната исплатена сума е 341.190.000 денари/5,5 милиони евра.

МесецИсплатени средства од солидарен фондБрој исплатени барања за починати корисници
јануари47.640.000 денари1.588
февруари47.790.000 денари1.593
март47.640.000 денари1.588
април47.070.000 денари1.569
мај48.450.000 денари1.615
јуни43.050.000 денари1.435
јули34.500.000 денари1.150
август25.050.000 денари835
Вкупно341.190.000 денари11.373

Вообичаено, на пензионерите им се препорачува: славете го секој ден, не гледајте во календарот. За жал, повеќето македонски пензионери не можат да ја сменат навиката. Финансиските проблеми ги тераат да ги одбројуваат деновите – до наредната пензија.

новинар:

Маја Анастасова

Клучни зборови

  • Маја Анастасова
  • пензии
  • пензионери
  • пиом
  • солидарен фонд
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk