Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

ПО ГОДИНИ СПОР И ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ, Свети Стефан се враќа на туристичката мапа

3 апр. 2026 г.·4 мин читање·9309 прегледи

Следете не на Viber

По неколку години правни спорови, затворени порти и неизвесност околу една од најпрепознатливите адреси на црногорскиот туризам, Свети Стефан е на чекор до повторно отворање. Владата на Црна Гора и закупецот постигнаа спогодба со која се отвора патот комплексот „Аман Свети Стефан“ повторно да ги пречека гостите веќе во летната сезона 2026 година.

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, соопшти дека Владата ги усвоила условите за порамнување во арбитражната постапка што се водела во Лондон, оценувајќи дека со тоа е заштитен државниот интерес и е избегната потенцијална штета поголема од 100 милиони евра. Според него, договорот не значи само крај на еден скап и неизвесен спор, туку и важен сигнал за враќање на Црна Гора меѓу најпрестижните туристички дестинации на Медитеранот.

Спогодбата носи и конкретни финансиски придобивки за државата и домашните компании. Закупнината за „Свети Стефан хотели“ се зголемува од 1.285.000 на 1.555.000 евра, додека за ХТП „Милочер“ расте од 350.000 на 423.000 евра. Дополнително, овие износи ќе се усогласуваат со инфлацијата уште од самиот почеток на работењето. Во договорот е предвидено и плаќање на разлика од околу 500.000 евра, како и уредување на ДДВ-обврските, што досега, според Владата, не било направено. За првпат, државата ќе има и 10 проценти учество во профитот, што владата го претставува како едно од најзначајните подобрувања во новиот аранжман.

Новиот договор не предвидува дополнителна градба во Милочерскиот парк, туку задржување во рамките на постојните дозволи. Планирано е и продолжување на закупот за пет години, со обврска комплексот да биде повторно отворен најдоцна до јуни 2026 година.

Од компаниите „Аман“ и „Адриатик пропертис“ исто така потврдија дека е постигнат договор и изразија подготвеност за повторно активирање на комплексот. Во заедничките пораки тие нагласуваат дека Свети Стефан останува една од најзначајните дестинации во нивната глобална мрежа и дека очекуваат продолжување на соработката со државата. Од „Адриатик пропертис“ порачаа и дека спогодбата значи целосно излегување од арбитражната постапка, како и откажување од побарувањата за можна отштета, прифаќајќи модел според кој државата ќе учествува во добивката.

Повторното отворање доаѓа по долг период на застој што започна во 2021 година, кога комплексот беше затворен поради спор меѓу државата и закупецот, меѓу другото и околу користењето на Краљичината плажа и Милочерскиот парк. Во меѓувреме, целиот случај прерасна во сложен правен и политички проблем, со вклучување на меѓународна арбитража и домашни судски институции.

Дополнителна тежина на случајот му даде и одлуката на Уставниот суд на Црна Гора од февруари годинава, со која беше укинато претходното решение на Врховниот суд дека домашните судови не се надлежни за спорот. Уставниот суд оцени дека не било доволно испитано клучното прашање за надлежноста, особено ако се има предвид дека спорот се однесува на закуп на недвижности во Црна Гора. Со тоа, правната битка околу Свети Стефан доби нова димензија, што дополнително ја засили потребата за политичко и деловно решение.

Иако Владата договорот го претставува како успех, во црногорската јавност веќе има и критики. Од Граѓанското движење УРА побараа надлежните институции да го испитаат случајот, тврдејќи дека постојат сериозни сомнежи околу начинот на кој се носат одлуките за продолжување на закупот и промената на условите. Опозицијата најавува дека ќе продолжи да бара одговори и да ја следи законитоста на целиот процес.

Сепак, за туристичкиот сектор и за имиџот на Црна Гора, главната вест е дека Свети Стефан би можел повторно да оживее по години тишина. За земја која туризмот го смета за една од најважните економски гранки, враќањето на овој симболичен комплекс има и силна економска и силна промотивна тежина.

Доколку договореното биде реализирано во предвидениот рок, летото 2026 година би можело да го означи враќањето на Свети Стефан на големата туристичка сцена — не само како луксузен хотелски комплекс, туку и како симбол на надминат спор што предолго ја држеше една од највредните разгледници на Црна Гора зад затворени врати.

(Фото: Unsplash)

Клучни зборови

  • Свети Стефан
  • црна гора
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk