Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

НОВА ГОДИНА НИЗ ИСТОРИЈАТА И СВЕТОТ: Една ноќ, илјада обичаи

2 јан. 2026 г.·5 мин читање·2063 прегледи

Следете не на Viber

Новата година е празник што ги надминува времето, културите и религиите и со право се смета за најстар организиран празник во историјата на човештвото. Нејзините корени водат повеќе од 4.000 години наназад, до древниот Вавилон, каде што луѓето верувале дека со доаѓањето на новата година се раѓа новото Сонце и започнува нов циклус на животот. Тогаш Новата година не се поврзувала со еден фиксен датум, туку со природните појави, зимската и летната краткоденица, пролетната и есенската рамноденица, кои го одредувале ритамот на времето, земјоделството и човековото постоење.

Во античкиот Рим, годината со векови започнувала на 1 март, но во 46 година п.н.е., со реформата на Јулиј Цезар, 1 јануари станал почеток на календарската година, бидејќи токму тогаш римските конзули ја преземале својата должност. Подоцна, со воведувањето на Грегоријански календар, оваа дата се проширила речиси низ целиот свет, иако некои земји, како Англија и нејзините колонии, ја прифатиле дури во 1752 година. Интересно е што христијаните долго време ја одбегнувале прославата поради нејзините пагански корени, но со текот на вековите Новата година станала универзален, световен празник.

Денес, иако календарскиот почеток е ист, начините на славење се фасцинантно различни. Подарувањето за Нова година, исто така, е обичај што датира од старо време кога Персијците давале јајце на дар, како симбол на плодноста и новиот живот. Од друга страна, и новогодишниот огномет и големата врева произлегува од верувањето дека и едното и другото ги брка злите духови, т.е. носи среќа. Народните обичаи што се применуваат и денес, за време на дочекот, имаат за цел да ја привлечат среќата или како што велат, да ја предизвикаат.

Во Шпанија, точно на полноќ, со секое отчукување на часовникот, се јаде по едно зрно грозје, вкупно дванаесет, за среќа во сите месеци од годината – традиција што потекнува од 1895 година, воведена од лозарите за да се продаде вишокот грозје. Во Данска, пак, луѓето цела година собираат стари чинии и садови, за во новогодишната ноќ да ги искршат пред вратите на пријателите, верувајќи дека оној пред чиј праг има најмногу крш има и најмногу пријатели.

Во Јапонија, Новата година е ритуал на прочистување и тишина. Денот започнува со темелно чистење на домовите, познато како оусоуји, со кое симболично се брише прашината од минатото. На полноќ, будистичките храмови ги удираат ѕвоната 108 пати, број што ги претставува човечките слабости, а се верува дека со секој удар се истерува по една негативна особина. Во некои делови од земјата, токму на полноќ се изведува и Деветтата симфонија на Бетовен, традиција стара повеќе од еден век.

За Кинеска Нова година, која обично паѓа меѓу крајот на јануари и средината на февруари, велат дека е најголемиот празник во Кина. Подготовките започнуваат со чистење на домовите за да се отстрани несреќата, а вратите и прозорците се украсуваат со црвени украси, симбол на среќа и радост. На новогодишната ноќ ножевите се отстрануваат од домовите, за да не се „пресече“ семејната среќа, а улиците се исполнуваат со змејски танци, огномети и хартиени змејови како симболи на моќ и успех.

Во Јужна Америка, старата година често се испраќа со оган. Во Колумбија, семејствата прават кукла што ја претставува старата година, ја полнат со стари предмети, а понекогаш и со напишани желби, и ја палат точно на полноќ, верувајќи дека со тоа ги оставаат зад себе лошите спомени. Во Бразил, Новата година, позната како Réveillon, се слави со обилни трпези, огномети и задолжителна бела облека, симбол на мир и чист почеток. Милиони луѓе се собираат на плажата Копакабана, каде што прескокнуваат седум бранови и фрлаат цвеќе во океанот, надевајќи се на среќа и благосостојба.

Во Европа, храната има магична улога. Италијанците јадат леќа и грашок, бидејќи нивните зрнца личат на монети, Грците го кршат колачот василопита со скриена паричка за среќа, Германците и Финците гатаат со стопено олово, а Французите веруваат дека зрнестата храна и зашеќерените костени носат финансиски успех. Во Шкотска, веднаш по полноќ се посетуваат соседите со леб или јаглен, а се верува дека најголема среќа носи ако првиот гостин е црнокос маж.

На другата страна од светот, во Сиднеј, Новата година се дочекува на сонце, со еден од најголемите огномети на планетата, видлив и од 16 километри, додека во Њујорк, спуштањето на кристалната топка на Тајмс Сквер и милионите испиени чаши шампањ го означуваат симболичниот премин во новото време.

И покрај сите разлики, суштината е иста насекаде. Огнометите, вревата, храната, ритуалите и симболите имаат една заедничка цел – да се истера злото, да се привлече среќата и да се започне одново. Од древниот Вавилон до современите мегаполиси, Новата година останува универзален симбол на надеж, обновување и вера дека утрешниот ден може да биде подобар од вчерашниот.

К.М.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

Клучни зборови

  • историја
  • начин на славење
  • Нова Година
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk