МАКЕДОНИЈА СО НАЈНИЗОК РАСТ ВО РЕГИОНОТ, ПРОГНОЗИРА ММФ, а кои се проценките за светската економија?

4 мин читање1031 прегледи

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,7 отсто, прогнозира Меѓународниот монетарен фонд во најновиот Светски економски преглед. За наредната година се предвидува раст на БДП од 3,7 отсто, а во 2026 година 3,5 отсто.
Што се однесува до инфлацијата, како што се наведува во извештајот на ММФ, потрошувачките цени годинава ќе се зголемат за 4 отсто, а во наредните две години ќе дојде до нивно натамошно намалување, прво на 2,5 отсто во 2025 година а потоа на два отсто. Минатата година растот на БДП беше скромен, само еден отсто, а инфлацијата изнесуваше 9,4 отсто.
Македонија споредбено со регионот бележи најнизок раст, со висок буџетски дефицит и значителен јавен долг. Следејќи го извештајот на Светска банка од минатата недела, ММФ од Вашингтон исто така изрази загриженост за економијата на Македонија. Дефицитот според ММФ во државната каса преминал 5%, додека обврските за изградба на автопати и зголемените плати на административците создаваат дополнителен притисок врз буџетот.
ММФ очекува просечната глобална инфлација оваа година да биде 5,9 отсто, што е помалку од просечните 6,8 отсто во 2023 година, но 0,1 процентен поен над прогнозата во јануари.
Загрижувачки е што напредокот кон целите на инфлацијата е малку запрен од почетокот на годината, се додава.
Објаснето е дека инфлацијата е пригушена од пониските трошоци за енергија и побавниот раст на цените на суровините.
Но, „тврдоглаво“ високата инфлација на цените на услугите и неодамнешното зголемување на цените на нафтата, делумно поради ескалацијата на тензиите на Блискиот исток, би можеле повторно да ги зголемат вкупните цени, се вели во извештајот.