Магистрираат и докторираат, па дел се запишуваат во евиденцијата на АВРМ

4 мин читање9154 прегледи

Се зголемува бројот на граѓаните во земјава кои не се задоволуваат само со основното ниво на факултетско образование. Минатата година 2.100 лица стекнале научни звања. Статистиката забележала 1.855 магистри и специјалисти и 245 доктори на науки. Паралелно со тоа, се менуваат и состојбите во евиденцијата на АВРМ. На листата има 535 магистри и 22 доктори на науки.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат умерен раст кај магистерските студии од 0,5 насто. Годишното движење е поголемо кај стекнатите докторските титули, за 14 насто, што е одраз на засилен интерес за повисокото научно образование.
Со звањето магистер лани се здобиле 1.558 лица или (84 %), додека специјалистите се 297 (16 %). Во оваа структура значајно е учеството на жените со 61,2 отсто од вкупниот број магистри.
Од аспект на научните области, најголемиот дел од нив имаат афинитети кон бизнисот, администрацијата и правото, каде што се одбранети 497 магистерски трудови или 31,9 отсто од вкупниот број. Следуваат инженерството, производството и градежништвото со 256 магистри (16,4 %), како и општествените науки со 238 (15,3 %). Во здравството и социјалната заштита има 82 магистри, но дури 166 специјалисти, што ја прави оваа област доминантна кај специјалистичките студии.
Родовиот баланс е во корист на жените. Конкретно, машките преовладуваат само во доменот на ИКТ – од 81 лице што го оформиле тој степен на образование, 46 се мажи; и на услугите – 53 од 81 со титулата магистер.

Кај докторите на науки, од 245 лица што се стекнале со ова звање, 147 се жени (60 %), а 98 мажи. Најголем дел од докторските дисертации се во здравството и социјалната заштита – 62 лица или 25,3 отсто. Според сферата на интерес следуваат бизнис, администрација и право со 36 доктори (14,7 %), инженерство со 31 (12,7 %) и уметност и хуманистички науки со 30 доктори (12,2 %). Општествените науки добиле 25 доктори (10,2 %), додека останатите области имаат помала застапеност.
И овде е забележлива женската доминација во повеќето области. Особено во здравството, каде што звањето го стекнале 45 од 62 доктори на науки и во бизнисот и правото (24 од 36). За информатичко-комуникациските технологии, пак, поголем е машкиот интерес. Од шест одбранети докторати, пет се со потпис на маж.

Работни места нема за сите магистри и доктори на наука. Евиденцијата на Агенцијата за вработување покажува дека на крајот од 2025 година, во потрага по работа биле 535 невработени магистри, од кои 321 жена и 214 мажи.
Сепак, сликата станува малку пооптимистичка кога ќе се направи споредба со состојбата од 2024 година. Тогаш имало 564 невработени магистри (217 мажи и 347 жени). Или, бројот на невработени магистри е намален за 5,1 отсто. Притоа, падот е поизразен кај жените (-7,5 %), отколку кај мажите (-1,4 %).
Сепак, тоа не е случај кај докторите на наука. Во овој сегмент годишната промена е плус 10 насто. Ако во 2024 година имало 20 доктори на науки (9 мажи и 11 жени), на крајот од минатата година биле регистрирани 22 доктори на науки – 12 мажи и 10 жени. Растот го носат мажите (+33,3 %). Кај женските доктори на науки има намалување од 9,1 отсто. Во меѓувреме, или се вработиле или се иселиле.
(Фото: Freepik)