Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Финансии

ЌЕ ПОСКАПИ ЛИ КВАДРАТОТ ОД 1 ЈАНУАРИ? Одлуката за ДДВ ќе реши колку ќе плаќаат граѓаните

19 авг. 2025 г.·3 мин читање·4331 прегледи

Следете не на Viber

Додека цените на становите уриваат рекорди и просечниот квадрат во Скопје веќе надминува 2.000 евра, пред купувачите се отвора нова дилема: дали по Нова година ќе плаќаат уште поскапо поради можното зголемување на данокот на додадена вредност од сегашните 5% на редовните 18%. Прашањето е особено чувствително во услови кога, според податоците на Народната банка, само во вториот квартал годинава цената на станбениот простор скокнала за над 22 проценти, со што е достигнато нивото од кризното лето 2022 година.

Повластената стапка од 5% беше воведена уште во 2010 година како привремена антикризна мерка што требаше да важи пет години, но досега неколкупати беше продолжувана. Последното пролонгирање се случи во 2023 година, кога беше определено дека првата продажба на станови ќе се оданочува со 5% до крајот на 2025 година. Тоа значи дека, доколку нема ново продолжување, од 1 јануари 2026 година ќе стапи на сила редовната стапка од 18%.

Градежните компании и коморите алармираат дека таквиот скок на ДДВ ќе се одрази директно врз џебот на граѓаните. „Со зголемување на стапката цената на становите дополнително ќе порасне, а можностите на младите и семејствата за решавање на станбеното прашање ќе се намалат“, предупредува претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски. Од Стопанската комора веќе подготвуваат иницијатива со која бараат повластената стапка да продолжи барем уште три години, за да се апсорбираат новите градби што се при крај. „Инвеститорите можеби ќе издржат дел од товарот, но на крај данокот ќе се префрли врз купувачите“, вели Андреја Серафимовски.

Министерството за финансии потврдува дека е во тек анализа со која ќе се утврди дали постои простор мерката да продолжи и по 2025 година. Од таму појаснуваат дека по завршувањето на анализата ќе поднесат предлог до Владата. Сметководителите, пак, предупредуваат и на дополнителен проблем со авансното плаќање: за уплатите направени пред крајот на 2025 година се пресметува ДДВ од 5%, но не е јасно по која стапка ќе се оданочи остатокот од сумата што ќе се плати по 1 јануари 2026 година.

Податоците на Народната банка откриваат дека половина од становите се купуваат на кредит, а половина во готово. Според гувернерот Трајко Славески, токму фактот што голем дел од купопродажбите се вршат со готовина наметнува потреба од различен третман на становите кои се купуваат за живеење и оние што служат за шпекулација и издавање.

„Пазарот станува сѐ помалку достапен за просечниот граѓанин, а се повеќе предмет на шпекулација“, додаде неодамна и директорот на државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, Марјан Стефановски.

Со други зборови, одлуката што треба наскоро да ја донесе Владата ќе биде клучна за тоа дали станбениот пазар ќе остане барем малку попристапен за оние што купуваат сопствен дом, или пак новото зголемување на даночната стапка ќе го направи квадратот уште понедостапен

 

Клучни зборови

  • ДДВ
  • станови
  • цени
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk