Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

ИнтервјуЛичен Развој

ИНТЕРВЈУ I АНЕТА КОРОБКИНА: Успехот не е спринт, туку маратон

16 сеп. 2025 г.·5 мин читање·4531 прегледи

Следете не на Viber

Лидерство, ориентираност, мотивација, лична ефикасност… тоа се сферите кои ги проучува и ги владее Анета Коробкина. Поседува големи знаења и како меѓународен коуч за трансформација ги пренесува на многумина. Зад себе има повеќегодишно искуство како консултант, бизнис тренер и спикер на конференции, форуми, корпоративни настани и семинари. Автор е на книгите „Прекрасно! Правила на услугата, како тоа го направиjа светските лидери“ и „Карта за лоjалност”.

Ќе учествува и на големата конференција „Бизнис Лидер“ што утре ќе се одржи во Скопје. „Кога ќе се сретнат визии, се раѓаат нови можности“, вели Коробкина во интервјуто за порталот Пари, каде што препорачува: „Не плашете се да почнете од мали чекори, но секогаш поставувајте си големи цели!“.

Пари: Како меѓународен коуч за трансформација, што Ве инспирира најмногу кога на едно место се собираат лидери од различни индустрии, на големи настани како „Бизнис Лидер“?

Коробкина: Сум била учесник и говорник на многу големи настани и она што ме инспирира е тоа дека кога ќе се сретнат визии, се раѓаат нови можности. На настани како „Бизни Лидер“ најголемата магија е енергијата на различноста, секој лидер носи уникатна перспектива, споделува искуство, мислење, а тоа ја зголемува иновацијата и мотивацијата за промени.
Убаво е чувството кога заедно создаваме нова иднина, каде што индустриите се вкрстуваат и градат нешто поголемо. Меѓутоа, по ваквите настани, најважно од сѐ се дејствијата што секој од лидерите ќе треба да ги преземе за да се видат реални трансформации кон подобро.

Пари: Кои се најчестите предизвици што ги имаат лидерите денес и како може да ги претворат во можности?

Коробкина: Од она што постојано го читам, следам, а најмногу го добивам лично преку мојата работа со лидерите, е предизвикот на брзите промени, нестабилноста, заморот и прегорувањето (ова го има и во извештајот на Deloitte, 2023 година, каде што 60% од лидерите признаваат дека чувствуваат хроничен стрес), како и работата со генерациски различности и култури. Во некои тимови има дури четири генерации, а за културите исто така, дури и каj нас доаѓa допрва да учиме како да се работи со различни култури. За мене лично предизвикот не е непријател – тоа е најдоброто огледало на нашата сила и каде може да растеме и да го развиеме нашиот потенцијал. Само треба да знаеме и да прифатиме дека во животот нема ништо постабилно од промените, да се смириме и да не допуштиме да нѐ потопи брзината на движењето на светот.


Пари: Се вели дека личната трансформација е предуслов за организациски промени. Како еден лидер може да го започне тој процес за да стане подобар визионер и мотиватор?

Коробкина: Искрено ќе кажам дека не можеш да го водиш тимот кон победи ако прво не научиш да се водиш себеси. А, тоа е постоjана работа, секоjдневно. Имам лидери во коучинг на корпорации кои вртат милионски суми и ним им е потребен водич коj ќе им помогне да се носат со секоjдевните предизвици, особено со длабочината на личната трансформациjа која денес го бара тоа од секој лидер. Организациите не се менуваат – луѓето во нив се менуваат.

Лидерот треба да почне од:
– Самосвест – искрен поглед во своите силни и слаби страни, длабоко да се спознае себеси.
– Емоционална интелигенција – истражувањата на Daniel Goleman покажуваат дека 90 отсто од разликата помеѓу добар и одличен лидер доаѓа од емоционалната интелигенција. Ова е нешто на кое работам со могу лидери.
– Визија и смисла со автентична комуникациjа – кога личната мисија ќе се поврзе со организациската, се раѓа инспирација која ги движи другите.

Пари: Што би им порачале на младите претприемачи за да останат мотивирани и доследни на своите идејни замисли и проекти?

Коробкина: Think big start small! Не плашете се да почнете од мали чекори, но секогаш поставувајте си големи цели. Мислам дека денес е најважно да останат доследни и мотивирани. Денес младите сакаат многу брзи резултати, особено кога имаат постоjан голем притисок од социjалните мрежи, кадешто сѐ изгледа совршено и сите во сѐ успеваат. Не потпаѓаjте на оваа замка, затоа и многумин jа губат мотивациjата. Не чекајте сѐ да е совршено за да излезете на сцена. Сѐ се менува и учи преку дејствијата. Jас изградив личен бренд од нула сама во Русиjа, кадешто доjдов со незнаење на рускиот јазик, а денес сум една од повлијателните ликови во сферата на лидерството и клиентската услуга, со напишани и издадени две книги. Успехот не е спринт, туку маратон – секој чекор е дел од големата слика. Опкружете се со ментори и со луѓе кои веруваат во вас.

Маја Анастасова

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

Клучни зборови

  • Анета Коробкина
  • БИЗНИС ЛИДЕР
  • интервју
  • меѓународен коуч
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk