Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Банкарство

Гувернерот Славески со конкретни предлози за намалување на надоместоците за платежни услуги

25 јун. 2025 г.·4 мин читање·2342 прегледи

Следете не на Viber

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на денешната средба со претставниците на банките, штедилниците и останатите членки во Македонската банкарска асоцијација ги претстави предлозите за намалување на провизиите коишто ги плаќаат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги. Целта на иницијативата е провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока.

„Денес доаѓаме со понуда до банките, Народната банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС, како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво”, истакна гувернерот Славески. 

На состанокот со банкарите, гувернерот Славески потенцира дека следејќи го примерот на земјите од Европската Унија, коишто значително ја изменија регулаторната рамка за начинот на кој се извршуваат платежните услуги, нашата земја направи значителен напредок во осовременувањето и усогласувањето со европското законодавство и практики, што придонесе да станеме членка на Единствената област за плаќања во евра СЕПА. Тој нагласи дека со новата правна рамка, во нашата држава е создадена средина во којашто платежните услуги се третираат како услуги од јавен интерес. Тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на својата социјална положба, место на живеење или степен на дигитална писменост, треба да има пристап до сигурни, квалитетни и достапни платежни услуги. Ваквиот пристап подразбира и поставување на надоместоците на разумно ниво за сите корисници.

 „Споредувајќи ги надоместоците за платежните услуги на банките со надоместоците на матичните банки од ЕУ, согледуваме неколку видови платежни услуги за кои надоместоците треба да се намалат и поедностават, а некои и да се укинат:

– Надоместоците за одржување на платежната сметка за компаниите претставуваат голем трошок, особено за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат;

– Надоместоците за користење на електронското и мобилното банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежната сметка, претставуваат дополнителен трошок, кој треба да се укине;

– Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат, имајќи предвид дека за нивното извршување не е потребно користење на платните системи кои создаваат трошоци за банките;

– Надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС треба значително да се намалат;

– Надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство, кои кај некои банки се и во вид на % од износот, треба да се намалат и поедностават како фиксен трошок по трансакција;

– Надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците коишто банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат, имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ”.

 Ова се конкретните примери коишто гувернерот Славески ги претстави пред банкарската заедница, при што упати повик да се охрабрат и заеднички да продолжат со иновативен и проактивен пристап. Притоа, ја истакна важноста корисниците на платежни услуги да се стават во фокусот при воведувањето на услугите, преку понуда на разумни, фер и одржливи надоместоци.

 Гувернерот нагласи дека поставувањето разумни надоместоци за користењето на платежните услуги ќе има директно влијание врз зголемувањето на финансиската вклученост на населението, дополнително ќе придонесе за намалување на сивата економија и ќе обезбеди  поддршка за оддржлив економски раст.

 Состанокот помина во конструктивна атмосфера, при што од МБА изразија подготвеност за понатамошна соработка во насока на предлозите на гувернерот за намалување на провизиите при користењето на платежните услуги.

Клучни зборови

  • д-р Трајко Славески
  • Народна банка
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk