Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Банкарство

ГРАЃАНИТЕ ДОЛЖАТ 3,98 МИЛИЈАРДА ЕВРА – Потрошувачките кредити како прва помош

21 ное. 2024 г.·3 мин читање·2332 прегледи

Следете не на Viber

Банките располагаат со вкупни депозити од 9,18 милијарди евра, а обезбедиле кредитна поддршка во износ од 7,76 милијарди евра. Бројките се одраз на состојбата во октомври, кога е забележан годишен раст од 11 проценти кај депозитите и од 9,2 проценти кај кредитите. Во првиот сегмент поголем стимул за зголемување доаѓа од домаќинствата, а во вториот од корпоративниот сектор.

Месечните поместувања, забележани во информацијата на Народната банка за најновите монетарни движења кои се однесуваат за октомври, покажуваат раст од 1,8% кај кредитирањето  и 1,7% во доменот на депозитите. Исто така, во овие активности воочлива е сѐ поголемата застапеност на домашната валута.

Во вкупните депозити од 564.962 милиони денари граѓаните партиципираат со 374.889 милиони денари или 6,09 милијарди евра. Другиот дел од 163.182 милиони денари (2,65 милијарди евра) е на компаниите.

Кај вкупните кредити чиј износ достигна 477.837 милиони денари има поголема избалансираност: делот на корпоративниот сектор е 230.277 милиони денари (3,74 милијарди евра), а на населението 245.198 милиони денари (3,98 милијарди евра).

Депозитите на компаниите во октомври се зголемени за 3,2%, што најмногу се должи на зголемениот обем депозитни пари и и на краткорочните депозити во денари. Годишниот раст е десетпроцентен.

Потребата од пари што ја имаат компаниите е прикажана со месечниот раст на кредитната активност од 2,8%, додека годишниот е за 10,4%. Промената во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута, појаснуваат од Народна банка.

Штедачките навики на граѓаните се согледуваат со месечното поместување за 0,7% кај вкупните депозити, засновано на растот на долгорочните депозити и во денари и во девизи. На годишно ниво влоговите се повисоки за 11,7%.

Во текот на октомври задолженоста на домаќинствата кај банките се зголемила за 0,9%, а на годишна основа – 8,2%. Притоа, поголем е интересот за денарските кредити.

Кога се во тесно за пари граѓаните посегаат по потрошувачките кредити како по прва помош. Минатиот месец е забележан напредок од 0,9 насто. Годишната стапка е 7,2 проценти. А, износот  126.322 милиони денари или 2,05 милијарди евра.

Вообичаено, веднаш зад нив се станбените, кои го достигнуваат прагот од 90.191 милион денари или 1,46 милијарди евра. Зголемувањата во овој сегмент се 1,1% месечно и 11,3% годишно.

И за автомобилските кредити постои зголемен интерес, што довело и до месечен и до годишен раст од 0,9% и 13,6%. По оваа основа граѓаните вкупно должат 434 милиони денари (7,05 милиони евра).

Задолженоста преку употребата на кредитни картички бележи износ од 9.199 милиони денари (149,6 милиони евра) и месечни плус 0,2%. А, за 1,5% се повисоки негативните салда на тековните сметки во октомври. Сепак, показател дека овие два начини не се прв избор за доаѓање до пари, е опаѓањето на на годишна – за 8,5%, односно за 0,8%.

Кај кредитите одобрени врз други основи е забележано месечно зголемување од 0,4%, во услови на годишен пад од 16,1%.

Клучни зборови

  • граѓани
  • депозити
  • домаќинства
  • задолженост
  • Корпоративен сектор
  • кредити
  • Народна банка
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk