Формиран новиот Управен одбор на Македонијатурист: Горан Ташков именуван за претседател

2 мин читање2531 прегледи

Горан Ташков, експерт во областа на хотелиерството, со долгогодишна успешна кариера во таа сфера, ќе го предводи новоформираниот Управен одбор на Македонијатурист. Во составот на ова тело се и Маја Николовска и Ацо Дудулоски. Именувани се од страна на Надзорниот одбор.
„На седницата на Надзорниот одбор одржана на 10.03.2025 година, донесенa е Одлукa со која се именуваат следните лица за членови на Управниот одбор: Горан Ташков – претседател, Маја Николовска – член и Ацо Дудулоски – член“, пишува во известувањето споделено преку Македонска берза.
Ташков има повеќедецениско искуство стекнато во неколку компании. Во неговото CV е забележано дека повеќе од 12 години бил член на Одборот на директори на Хотели Метропол Охрид, исто толку време менаџирал со хотелот Александар Палас од заменичката и од директорската функција, бил заменик директор на DoubleTree by Hilton, генерален менаџер нa ЕРАК Груп, па прв човек на Park Hotel & Spa.
Николовска е генерален директор на веледрогеријата Промедика, која е еден од мнозинските акционери на „Македонијатурист“. Таа е магистер по бизнис администрација.
Дудулоски е сопственик на Современ дом, исто така еден од поголемите акционери во хотелско-угостителската компанија. Воедно, е и партнер на ЗСФ-КОМ во Скопски пазар. А, Скопски пазар е најголемиот акционер во Македонијатурист.
Пред да биде официјално избран новиот состав на Управниот одбор, разрешена е старата постава на чело со досегашната претседателка Мирјана Таневска-Ефремова.
„На седницата на Надзорниот одбор… донесени се одлуките за отповикување на членовите на Управниот одбор: Мирјана Таневска – Ефремова – претседател, Зоранчо Поповски – член и Илија Тренески – член“, соопштија од Македонијатурист.