Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

БизнисФинансии

ДИЈАСПОРАТА СÈ УШТЕ ПОМАГА, но бројките опаѓаат

16 дек. 2025 г.·4 мин читање·3020 прегледи

Следете не на Viber

Додека илјадници семејства во Македонија секојдневно го чувствуваат притисокот од високите трошоци за живот, парите што пристигнуваат од странство и понатаму се една од најважните финансиски потпори за домашната економија. Дознаките од македонската дијаспора минатата година достигнаа околу 310 милиони евра, што претставува приближно два процента од бруто-домашниот производ. Иако Македонија и натаму бележи суфицит кај личните трансфери, трендот покажува постепено намалување на износите што иселениците ги испраќаат дома.

Во апсолутни бројки, личните дотации бележат пад во споредба со претходните години. Во 2022 година од странство пристигнале околу 331 милион евра, во 2023 година 319 милиони, а во 2024 година износот се намалил на 310 милиони евра. Сепак, според податоците на Народната банка, овие бројки се однесуваат само на официјалните канали, банките и системите за брз трансфер на пари. Реалната сума е значително поголема ако се земат предвид и готовинските дознаки, кои најчесто се внесуваат неформално и се евидентираат преку нето-откупот на девизи од менувачниците. Токму поради тоа, од централната банка често нагласуваат дека е невозможно прецизно да се утврди колкава е вкупната и вистинската сума што македонските иселеници ја испраќаат во земјава.

Историски гледано, приливот на дознаки во Македонија има растечки тренд, иако со осцилации. Во 2014 година износот изнесувал 216 милиони евра, во 2020 година се зголемил на 262 милиони, а во 2021 година достигнал рекордни 344 милиони евра. Во 2023 година, официјалните податоци покажуваат прилив од околу 340 милиони евра, по што следи постепен пад.

Кога Македонија се споредува со земјите од регионот, разликите се огромни. Српската дијаспора убедливо е на врвот со испратени над 4,4 милијарди евра во 2024 година, а слични бројки се бележат и во 2023 година кога дознаките изнесувале 4,6 милијарди евра. Потоа следуваат Босна и Херцеговина со речиси две милијарди евра, Косово со над 1,3 милијарди, Албанија со околу 1,2 милијарди, додека во Црна Гора лани пристигнале околу 345 милиони евра. Интересно е што во 2023 година, Црна Гора дури имала нешто повисок прилив на дознаки од Македонија, со околу 332 милиони евра.

Податоците на „Евростат“ покажуваат дека личните трансфери играат значајна улога и во економиите на земјите членки на Европската Унија. Во 2024 година, девет земји од ЕУ имале суфицит кај личните трансфери, меѓу кои Хрватска со 2,6 проценти од БДП, Бугарија со 1,3 проценти и Португалија со 1,2 проценти. Наспроти нив, најголеми дефицити како дел од БДП забележале Малта, Кипар, Белгија, како и Грција, Шпанија и Франција.

Во поширок европски контекст, жителите на ЕУ минатата година испратиле 52,1 милијарда евра кон земји надвор од Унијата, што претставува раст од шест проценти во споредба со 2023 година. Во исто време, приливот на лични трансфери кон домаќинствата во ЕУ изнесувал 14,8 милијарди евра, со годишен раст од седум проценти. Во последните пет години, одливот на лични трансфери од Унијата е зголемен за дури 51 процент, додека приливот растел значително побавно, за 26 проценти. Како резултат на тоа, негативното салдо на ЕУ во однос на земјите надвор од Унијата достигнало 37,3 милијарди евра во 2024 година.

Иако Македонија не може да се мери со регионалните и европските гиганти по износот на дознаките, парите што ги испраќа дијаспората остануваат клучен извор на приходи за многу домаќинства и важен стабилизатор за економијата. Но, трендот на намалување во официјалните бројки отвора прашања за економските услови во странство, иселувањето, како и за тоа колку долго дознаките ќе можат да ја играат улогата на тивка, но сигурна финансиска поддршка за земјата.

(Фото: Unsplash)

Клучни зборови

  • дијаспора
  • дознаки
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk