Данскиот инвестициски фонд Ваексткапитал груп внесе голема возбуда на и така разгорениот пазар на недвижности во Скопје, на кој цените соборуваат рекорди на месечно ниво. Наместо стабилизирање на ценовниот шок, присутен неколку години, Ваексткапитал дополнително го засили трендот со веќе купени 250 стана во изградба на атрактивни локации во Скопје и со најава до крајот на годината да купи уште најмалку толку, со намера да стигне до 1.000 стана.
Градежниците, секако, тријат раце од овие информации, граѓаните, веројатно, ќе побрзаат да купат станови додека одново не пораснале цените, а во кулоарите ќе се постават многу оправдани прашања – што се крие зад оваа интересна бизнис-приказна, и ќе се дадат многу нејасни, но интересни одговори и сценарија.
Данците на Телма официјално потврдија дека соработуваат со неколку локални агенции за недвижности, но и директно со инвеститорите. Ги купуваат становите уште при ископување на темелите за зградите, со што добиваат пониска цена од онаа кога ќе бидат готови. Инвестираат во Македонија затоа што веруваат дека земјата има позитивни економски изгледи, особено на пазарот на недвижности.
Но, ова, секако, не е доволно за да ги (раз)убеди сите набљудувачи на случувањата на пазарот на недвижности, каде што дефинитивно се создава ценовен балон. Дали овој балон ќе продолжи да расте, полека ќе почне да се издишува со текот на времето или, пак, може да пукне? Сите сценарија се веројатни затоа што се имаат случено на други пазари…