Најави се Зачлени се
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Актуелно
Аналитика
Финансии
Банкарство
Крипто
Бизнис
Берза
Интервју
Личен Развој
Фондови
АктуелноАналитикаФинансииБанкарствоКриптоБизнисБерзаИнтервјуЛичен РазвојФондови
Почетна Најави се Зачлени се

Бизнис

Буџетот е таман само од позиција на власт – се тресат амандманите, 250 се од опозицијата

7 дек. 2023 г.·3 мин читање·2483 прегледи

Следете не на Viber

Почна амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2024 година во рамките на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Поднесени се 272 амандмани, од кои 250 од пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија.

Државната каса за идната година е проектирана на 5,5 милијарди евра. Одделни економисти велат дека е грешка кога се нагласува дека Буџетот е „рекорден“, бидејќи сосема е во ред да се зголемува заедно со потребите. Но, нагласуваат, клучно е каде ќе се потрошат тие пари.

Како одговор на тоа „каде“, од Владата во овој период образложуваат дека се работи за развоен и одржлив Буџет, кој има капацитет и да го поддржи развојот и да ја обезбеди фискалната одржливост. Воедно, претставува гаранција за редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, но и за покривање на сите потреби и обврски на граѓаните и на државата.

Развојната компонента ја согледуваат во тоа што предвидените капитални расходи се поголеми од буџетскиот дефицит и особено во структурата на капиталните инвестиции, за кои тврдат дека се „далеку од тоа што некогаш сме се навикнале да го гледаме“. Па, како што често споменува вицепремиерот задолжен за економски прашања – „сега се градат патишта, а порано знаеме што се градеше“.

Податоците, пак, покажуваат – капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година биле во распон од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата од 50 до 74 отсто од првично планираното. Исклучок е 2021 година, кога реализацијата надминала 97 отсто. За годинава вицепремиерот Битиќи рече дека засега капиталните инвестиции се околу 70, а до крајот на годината ќе се дојде до над 90 отсто, „што во апсолутен износ е еден од најголемите износи некогаш потрошени во државата“.

Вообичаено, најгласните критики се од опозицијата, во кои предлогот се оценува како нереален, неразвоен, креиран без концепт, без јасна визија… Во таа насока, велат, се и поднесените амандмани. Според ВМРО-ДПМНЕ, ова е обид „да ги вразумиме колегите пратеници од мнозинството дека владиниот буџет треба да биде за граѓаните, а не за бизнис зделките склучени на Илинденска, Бихакќа и Мала Речица“.

Како што наведуваат, меѓу предложените измени се и намалување на ДДВ за основните производи – храна, струја и огревно дрво, како и враќање на неодамна зголемената акциза за горивата. Опфатени се и субвенциите за студентски оброци и стипендиите кои треба да се повисоки, решавање на проблемите со загадувањето на воздухот и инкорпорирање на препораките од синдикатите, стопанските комори, организациите на работодавачи и потрошувачите.

Проблем е што парите од Буџетот се одлеваат нетранспарентно и без отчет. Затоа, од Сојузот на стопански комори бараат да се воспостави меѓународен мониторинг на буџетските трошења. Сметаат дека „јавната потрошувачка е без кормилар“, особено кај јавната администрација, па се плаќа за „вработени кои не доаѓаат на работа, за вработени кои не се присутни, вработени кои не постојат, фантомски исплати“.

Исто така, во низата забелешки се и тие дека во домашната практика што се спроведува последниве 15-20 години, на хартија буџетот е развоен, а во пракса парите на големо се расфрлаат, јавниот долг расте во континуитет, а капиталните инвестиции извисуваат. Тоа, велат експертите, е „болка на сите досегашни владини гарнитури“, кои никако да го фатат правилниот колосек – државната каса да е во функција на развојот на државата, со што наместо популизмот, вистински приоритети би биле образованието, здравството, инфраструктурата…

Инаку, Владата за 2024 планира од даночните обврзници да инкасира над пет милијарди евра, а да потроши 545 милиони евра повеќе.

Клучни зборови

  • амандмани
  • буџет 2024
  • комисија за финансирање и буџет
Споделете на Facebook
Странична рекламаplaceholder
Аналитика
  • Менувачниците бројат милиони, а вработените илјадарки

    15.06.2026
  • Нептун е меѓу најголемите работодавци, но и меѓу најдобрите по плати

    12.06.2026
  • Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    12.06.2026
  • Менувачниците свртеле 18,7 милиони, а направиле профит од 1,2 милиони евра

    11.06.2026
  • Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    11.06.2026
FacebookСледете неInstagramСледете не
Рекламаplaceholder

Пари е финансиски магазин во сопственост на „Аналитика Медиум ДОО" кој објавува квалитетна содржина фокусирана на теми за бизнис, личен развој и анализи поврзани со финансии, банки, осигурителни компании, пензиски и инвестициски фондови. Пари има за цел финансиски да ги едуцира читателите за да прават подобар избор при носење на финансиски одлуки.

ИмпресумМаркетингУслови за преземање содржини

© 2026 Pari.com.mk