Казни до 20 илјади евра за нефер трговски практики – започна примената на новиот закон
Пари2 мин читање

Комисијата за заштита на конкуренцијата може да изрече казни во висина до 20 илјади евра доколку утврди постоење на договори кои промовираат нефер трговски практики, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд. Тој потсети дека Законот за нефер трговски практики започна со примена од почетокот на годинава.
„Законот е усогласен со директивата на Европската Унија од 28 септември, но паричните казни се воведоа од јануари. До крајот на минатата година спроведувавме мониторинг, а сега законот е целосно применлив“, истакна Ристески.
Тој појасни дека Комисијата ќе врши проверки на сите договори помеѓу производителите, добавувачите и трговците. Во случаи на неправилности, ќе се изрекуваат казни до 20 илјади евра.
Со овој закон се опфатени 2.546 производи според нивниот тарифен број, а идентификувани се 26 видови на нефер трговски практики.
„Контролата ќе биде строга, а Комисијата ќе има право, по дојава, да влезе во компаниите и да ги провери договорите. Очекуваме долгорочен ефект врз стабилизирањето на цените“, додаде Ристески.
Тој нагласи дека рабатот е ограничен на максимум 10% во текот на годината, што ќе воспостави поголем ред во трговските практики, особено во случаи каде рабатите досега достигнувале 35-40%.
Законот, како што истакна заменик-министерот, е значаен чекор напред, бидејќи за првпат се применува во земјата. Тој е во согласност со директивите на ЕУ и може да послужи како пример за другите земји од Западен Балкан.