Елките веќе сигурно се накитени во секој дом. Но, обично секој има традиција да си ја „поднови“ елката со уште некој лампион пред Божиќ, а потрагата по интересен украс, или пак, по нова елка, секогаш има своја магија. Прошетката крај тезгите, или низ продавниците, каде што од полиците сјаат украси во многу бои, еленчињата и Дедо Мраз „раскажуваат“ новогодишни приказни и ги носат децата во една предновогодишна бајка, а возрасните ги прават повторно деца, се секогаш омилениот дел од предновогодишните празнувања.
Но, оваа година, нашата прошетка покажа дека има многу помала понуда и на лампиони и на елки, а дека цените се високи. Како што се информиравме, трговците многу доцна и ги добиле украсите и елките, а набавните цени биле многу повисоки.
– Годинава доцнеа нарачките, а и немаше некој избор поради високите цени. Колку што сме информирани, растот на цените на украсите и на елките е предизвикан од растот на цените на металот, на пластиката, но и од транспортот. Сега еден контејнер од Кина чини и 4 пати повеќе во однос на лани – велат увозниците…